Интервју со Абел Ферара: Осаменоста и изолацијата се опасни

Abelferara

Абел Ферара, еден од дефинитивно најособените и најпровокативни американски независни автори, кој одамна има култен статус, пристигна на Филмскиот фестивал во Виена и тоа поради почеста што Фестивалот му ја правеше на познатиот актер Кристофер Вокен, кој често играше во неговите филмови. Тоа е навистина многу ретко, како што е редок и самиот Ферара. Се чини како сосема да расчистил со своето его. Едноставен, пристапен, зборува кратко, но многу суштински и секогаш со цврсти ставови. „Светец на бедата на филмот“ би бил навистина најдобриот опис за човекот кој во своите филмови најчесто се занимава со урбаната гнилеж.

Синоќа во киното „Гартенбау“ можевме повторно да го видиме Вашиот филм „Зависност“ од 1995 година и публиката повторно имаше бројни прашања, како да станува збор за најнов и најактуелен филм. Осврнувајќи се токму на „Зависност“ и „Кралот на Њујорк“, кои беа прикажани овде, би Ве запрашала каде е за Вас конекцијата меѓу католицизмот и злото, меѓу будизмот и убиствата?;

Абел Ферара: Сè е тоа, всушност, на спиритуално ниво. Можам да зборувам за злото, за кризата, за насилството, за убиствата, можам да зборувам за будизмот, за далај лама, сето тоа ја има истата порака, порака на сожалување, на сочувство, што е опозит од убивање, опозит од ставање на прво место на сопственото его. Иако навидум изгледаат спротивно, филмот „Зависност“ во својата суштина се занимава со чувството за другиот, со грижата, со посветеноста на новиот живот на групата, посветеноста на тоа да се води сметка за потребите на другите.

Многу честа тема во Вашите филмови е насилството. Зошто, дали можеби тоа е Вашиот начин да се борите против него?

Насилството за некого е начин на живеење, но не е животот. Насилството е негација на егзистенцијата, на животот. Но, не можам да не зборувам за насилството, бидејќи тоа е реалноста. Насилството ја има моќта и за тоа нема оправдување. Мислам дека насилството раѓа насилство, но ние го прифаќаме тоа. Ги правам филмовите обидувајќи се да сфатам од каде доаѓа насилството и зошто луѓето живеат во заблуда.

Всушност, ако погледнеме од другата страна, тоа се прашања за моралноста. Како пораснавте Вие, какво беше Вашето соседство, колку имаше влијание на Вас католичкото воспитување?

Пораснав во идеално соседство, во Бронкс во италијанско-американскиот кварт. Насилството не доаѓа однадвор, тоа е лично, индивидуално, најчесто доаѓа од дома. Но, мислам дека е најважно да бидете искрени кон себе и да бидете одговорни. Не можете да зборувате за насилството или да го осудувате она што се случува во светот, без да исчистите дома.

Сè е прашање на избор, но, според мене, мора да се има лична одговорност. Одговорни сте за сето она што ќе го направите или нема да го направите. Без оглед за која религија станува збор. Филмовите мора да зборуваат за тоа, за одговорноста, за моралните прашања, без разлика дали ние го сакаме тоа или не го сакаме. За моралност зборуваме дури и кога не мислиме на неа.

Карактеристично е дека во Вашите филмови многу беше присутен католицизмот, а и самиот изјавувавте дека го перципирате светот врз основа на Вашето католичко воспитување. Но, сега решивте да станете будист, зошто?

Па, имаше смисла сето тоа за мене. Будизмот некако ми овозможува да мислам појасно. Не можеш да земеш дрога за да медитираш, тоа е заблуда. Будизмот носи една многу практична филозофија на животот, те седнува долу на вистински начин, те тера да следиш, да слушаш, да учиш, резултатите не се идеални, туку позитивни и реални. Тоа е многу практичен начин на живеење, еве јас и во моментов медитирам.

Но, освен религијата, го сменивте и местото на живеење. Њујорк беше и е главна тема во Вашите филмови, па сепак решивте да живеете во Рим. Што се промени?

Во Њујорк живеев 50 години, тоа е мојот дом. Знаете, јас сум едноставен филмаџија, зборувам за Њујорк бидејќи го познавам, не можам да правам филмови за место кое не сум го видел. Сето она за што зборувам беше дел од мојот живот, преку улицата, тоа е мојот свет, нема тука некоја мистерија. Останав во Рим бидејќи во него ги најдов суштинските нешта.

Односот кон семејството, овде има дух, има разбирање, разбирање за културата, таа е дел од нашето живеење. Овде не е сè за пари, односот е поинаков, односот кон себе, кон своите најблиски, кон децата, кон храната, кон уживањето, кон вистинските вредности. Ова е прекрасно место за живот.

Дали некогаш сте правеле компромиси за да снимите некој филм или за да и се приближите на публиката?

Не, никогаш, јас сум публиката. Компромис не сум направил, тоа не би бил јас. Она што е најважно е да сум поврзан со себе, со луѓето околу мене, тогаш ќе бидам поврзан и со публиката. Видовте дека јас седнав во публиката и заедно со вас повторно го гледав филмот „Зависност“, јас сум дел од гледачите.

За Вас многумина велат дека сте контроверзен и провокативен автор, но која е, всушност, Вашата цел?

Да ја видиш вистината, да научиш, да се достигне она ниво на ангажираност кон светот, да се приближите себеси поблиску до луѓето. Не е добра изолацијата, отфрленоста, треба да комуницирате, да бидеш еден од илјада, тоа можеби нема да те направи подобар, но ќе те направи човек. Осаменоста и изолираноста можат да донесат полоши работи.

Ако не гледаш добро, ако не се поврзеш на вистински начин, на крајот ќе завршиш во илузија. А дали е нешто контроверзно зависи од филмот, зависи од публиката која не е секаде иста. Тоа што е контроверзно во Рим можеби нема да биде исто во Молдавија.

Многу често зборувате за злото. Што е злото за Вас, верувате ли во зло?

Заблуда е да се мисли дека е неопходно понекогаш да се биде негативен. Не верувам во ѓавол, но верувам дека лошите акции креираат лоши акции. Често пропагандата има голема улога, тоа е алатка, како и религијата. Треба да живееш на вистински начин, да чувствуваш, да видиш, да препознаеш.

Филозофијата на будизмот вели дека, пред сè, е да се биде човечко суштество, да не се живее во лага, да не страдаш, да не бидеш зол без причина, да ги видиш работите јасно, да ја прифатиш вистината. Злото не може да донесе добро, може само да го уништи. Секогаш се работи за тоа дали ќе го направите вистинскиот избор или погрешниот, човек не може да ја игнорира вината.

Дали кога работите на филмовите Ви е важен жанрот и стилот, или тоа доаѓа отпосле?

Зависи од приказната. Приказната почнува од имагинацијата, од твојот избор, правиш избор на книга, на приказна која некој ти ја кажал, нешто што ти се случило од личниот живот, што и да одбереш треба да го чувствуваш, тоа е вистинскиот начин за еден филмски автор.

Со годините, што се смени во однос на Вашата работа, теми, пристапот?

Сè се смени. Јас се менувам секој ден, луѓето со кои работам, ништо не останува исто, но во тоа е и убавината. Светот е истовремено и шокантно и вредно и неверојатно место за живеење и мора да ги прифаќате промените, да бидете со отворен ум. Сè се менува постојано, без разлика дали сакаме или не, но тоа е така. Фала богу за тоа!