РЕЦЕНЗИЈА: „ИСЦЕЛИТЕЛ“ – ХУМОРОТ КАКО ЛЕК

Препознавањето на трагикомичниот миг во кој живееме овде на Балканот, е суштинската порака на филмот.

Потегот, годинашниов Синедејс да се затвори со македонскиот филм „Исцелител“ се покажа како маркетиншки оправдан и привлечен. По етикета­та – најдобар филм според публиката на Филм­скиот фестивал во Солун – очекувано беше филмот да предизвика речиси еуфоричен пречек во Скопје. Препол­ната сала во „Милениум“ покажа дека продуцентско/дис­трибутерската стратегија е добро подготвена, почнувајќи од разделувањето М нафора при влегувањето во салата до присуството и претставувањето на комплетната екипа по проекцијата на филмот. А аплаузот за кој тврдам дека рет­ко се случува да трае за цело време на одјавната шпица, покажа колку сме желни да наградиме производ кој внесу­ва малку свеж воздух во однос на филмскиот жанр.

Имено, „Исцелител“ е комедија со извесни примеси на ангажиран и критички став кон определени опште­ствени состојби, а поради што беше најавен како црна комедија. Оттука, сметам дека Ставрески (тој е и сцена­рист на филмот) изнашол мудро и практично решение својата приказна да ја води како жанровски амалгам, во кој делумно е присутно (како критика на здравствениот систем) црнилото од новата романска кинематографија („Смртта на господинот Лазареску) и од друга страна, да пласира една проверена рецептура на духовит дијалог и минимум гег, својствена на старата чешка филмска шко­ла (Форман, Менцел). Сигурен сум дека на филмот по­веќе му прилега квалификативот – филм/сатира.

„Исцелител“ ниту нуди ниту бара драматуршко на­прегање. Но, затоа нуди расположение, на моменти горч­ливо, но секогаш газирано со меурчиња дијалошка духо­витост (малку бајата, а повеќе свежа). Ставрески умешно ја води актерската артикулација толку ретка во домашна­та кинематографија, со дузина симпатични детали кои на филмот му ја даваат потребната доза на шарм и гледли­вост. Заслугите секако им припаѓаат на носечките лико­ви, Благој Веселинов (Веле) и Анастас Тановски (Саздо), но и на останатиот актерски тим.
Речиси и нема потреба да се впуштаме во некакви продукциски аспекти на филмот – камера, тон, монта­жа… сите тие се во рамките на неопходното педантно рамниште над кое доминира актерската игра и дијалош­киот момент.

Во случајот „Исцелител“, со задоволство ќе ги избег­нам здодевните и по правило неаргументирани епитети како што се – искреност и длабочина. Ако целата екипа од филмот уживала во снимањето (што е безмалку и ви­дливо), тоа расположение неизбежно се пренесува и на публиката. Затоа, вреднувањето на филмот на Ставрески е онаа „банална“, а секогаш присутна вистина дека сме­ата често лекува тага, и дека смешното не ретко е произ­лезено од трагичното.
Филмот „Исцелител“ нема претензии да биде висок уметнички чин, но секако го има предзнакот на значаен и пожелен кинематографски продукт. Сосема зрел и конзи­стентен дебитантски игран филм.
Препознавањето на трагикомичниот миг во кој живе­еме овде на Балканот, е суштинската порака на филмот.