КУЛТИВАТОР Фестивал – Музика, Дизајн, Филм и Фотографија во Скопје

5 2019 – Copy Copy

Повторно доаѓањето на есента ќе биде обележано се четири дена случувања во креативната коалиција Кино Карпош – BKW – Минус Еден. Четири дена музика, дизајн, филм и фотографија во Скопје, од 30-ти септември до 3ти октомрви.

Продолжувајќи во ист правец од лани, но со зголемени напори, на публиката во Скопје и оваа година и нудиме квалитетна, богата и разновидна програма од повеќе културно уметнички жанрови и правци, од земјата но и од Белград, Софија, Нотингем, Манчестер, Берлин, па дури и од Совето (Јужноафричка Република).

Навистина е долга редицата на сите имиња кои ќе се претстават на овогодинешното, петто издание на Култиватор фестивалот. Диџеи, инструменталисти, продуценти, една фантастична вокалистка од Англија, композитори, дизајнери, режисери и можеби најдобриот моден фотограф на овие простори.

Филмската програма оваа година е сочинета од 9 филмови од претежно млади македонски режисери. Ви Кино Карпош ќе ги гледаме Неонски Срца (Ана Јакимска, 2019), Јас не сум Игор (Сергеј Георгиев, 2019), Без врска (Раша Петровиќ, 2018), Малина (Анастасија Лазарова, 2018), Мишко (Ханис Багашов, 2018), Поло (Тамара Котевска, 2019), Без љубов (Дина Дума, 2017), Обид за среќна приказна (Лавинија Софрониевска, 2018) и Вера (Верица Недевска 2019).

Музичката програма во понеделник ќе ја отворат два фантастични домашни состави. Саше и Џими (сега веќе и домаќините на понеделникот во Кино Карпош), дефинитивно најдоброто наше блуз дуо и нивниот бенд In The Mood ќе свират во Кино Карпош, додека во BKW ќе слушаме фузија на dream-pop, R&B, shoegaze, samba soul, neo-soul и модерен џез во интерепретација на Шамба, музичкиот проект на Бојан Петковски. Потоа одиме на отворањето на 2019/2020 сезоната на Минус Еден, каде ќе настапи исклучително квалитетниот Stevie Whisper [YES, Belgrade]. Она што го прави Stevie уникатен се неговиот еклектичен стил и панкерскиот пристап кон селекција на клупски ориентирана музика, редок примерок на регионалната и светската андерграунд сцена. Со него ќе настапи резидентката Еми Ермилова.

Вторник ќе биде денот на модата. Покрај дизајнерските парчиња на Aumanufaktur, Factory Girl, Zanov, Теодора Митровска, Мирјана Јосифовска, PINC Shop, Авангарда, Мала Камила, ОМА, Dreadpen, Pop Corn, REД, Arthropoda, и КК Фан Шоп, кои ќе бидат изложени за време на целиот фестивал во Дизајнерската продавница во Кино Карпош, во BKW ќе се отвори изложбата на модна фотографија на фантастичниот македонски фотограф, Горан Поповски. Фотосесијата е целосно фотографирана во BKW, така што сме возбудени што ќе можете да го видите нашиот бар во поинаква димензија. А бидејќи е ден на модата, вторничката вечер во Минус Еден ќе ја преземат баш модерните домашни момци Марко Рикалоски, Соул Кејс и Укс, кои ќе ја отворат најоткачената клупска резиденција во градот, IDEMO TUESDAY.

Во среда во Минус Еден исто така сме домаќини на гостин од Србија. Ни пристигнува Никола Вемиќ, диџеј кој потекнува од Белград. Покрај својот селекторски талент, познат е и по програмската работа на Love Fest во Србија. Со него настапуваат најстандардно квалитетниот Флудер, кој воедно ќе ја продолжи и својата резиденција во среда, и Андреј Мицајков. Во BKW ќе настапат Трансмишн 3, трет собир на Култиватор на ова прекрасно друштво, коалиција на музички жанрови, предводени од аналогни звуци и балкански непарни ритмови во транс бит.

Затворањето на Култиватор оваа година ќе биде вистинска посластица. Диско иноваторите Crazy P се враќаат во BKW, откако се вратија и на светскиот врв со новиот албум „Age of the Ego“. 2019 година носи нов вајб и чувства од една од најомилените групи на мултиталентирани компизитори, инструменталисти, диџеи, продуценти и изведувачи во живо. По 30 милиони стримови на нивниот претпоследен албум, распродадени свирки во Манчестер и Перколат во Лондон, настапувајќи со „Chic“ и „Chaka Khan“, на реномираниот Love International Festival и Boiler Room серијалот во Бали, бендот од Нотингем е во поголема побарувачка од било кога!

По завршувањето на нивниот настап, одиме во Минус Еден, каде програмата ќе ја зокружиме со настапот на Тама Сумо, Лакути и Ивана Драгшиќ.

Срце, емоција и страст наместо чиста функционалност – се диџејските карактеристики на Керстин Егерт а.к.а Тама Сумо, најточно и најкратко објаснети. Својата кариера ја започнува во 1993 година во во барот Драма лоциран во култниот Кројцберг (Берлин), еден од првите барови што букирал свој диџеј секој викенд, важно место за развој на сцената пред таа да замине во клубовите. Незадоволна од сувата статика на пуштање музика, сетовите на Тама опфаќаат широк спектар на хаус, техно, џез, диско, брејкбит, соул, фанк, афро бит.

Малку зборови има да се опише Лерато Кати или Лакути, страшна познавачка на чикаго хаус и вистински бастион на црната и квир музика во сцената. Таа е основачка и го раководи еминентниот UZURI Recordings & Bookings. Тама Сумо и Лакути се тимот позади проектот Bring Down the Walls а заедно курираат и дел од Finest Friday резиденцијата во единствениот Berghain / Panorama Bar, каде угостиле круцијални фигури на хаус музиката, како Кајл Хол, Џеј Дениел, Марселус Питман, Кариста и други.

Овa гостување во земјава може само да се случи ако на лајнапот за загревањето е нашата Ивана Драгшиќ, уметница, диџејка, активистка и социолог, резидентка на Минус Еден. Ивана во последните години практично го покрена (и оттогаш оддржува) квир движењето во локалната музичка сцена, пробив и манифестација кои долго се исчекуваа.

Карти во претпродажба за четврточните шоуа во BKW и Минус Еден се во претпродажба во Кино Карпош и BKW по цена од 300мкд, а доколку сакате да излезете уште од 21:30 на светски квалитетна програма која ќе трае до петок наутро, можете да си набавите комбо карта од 500 мкд.

Влезот на останатите настани на фестивалот е слободен.

Не очекува возбудлива недела, се гледаме на КУЛТИВАТОР ФЕСТИВАЛ vol. 5!