РЕЦЕНЗИЈА: „Последниот џедај“ – ЏЕДАИТЕ ГО ВОЗВРАЌААТ УДАРОТ

StarWars

Како „Војна на ѕвездите“ стана филмски бренд или во исчекување на „Последниот џедај“

Одамна, во една далечна галаксија, на Џорџ Лукас му се роди идејата за епска вселенска опера, која четириесет години господари со светските киноблагајни. Денес, филмската франшиза на „Војна на ѕвездите“ брои три оригинални филмови („Нова надеж“, „Империјата го возвраќа ударот“ и „Враќањето на џедајот“), три предвесници  („Фантомска  закана“,  „Нападот на клоновите“ и „Одмаздата на Сит“) и три закажани продолженија, од кои: „Будењето на силата“ имаше премиера пред две години, а на 15 декември светска премиера ќе има осмата епизода на серијалот – „Последниот џедај“, во режија на Рајан Џонсон, човекот кој ја има снимено драмата „Тула“ и научно-фантастичниот филм „Лупер“. Во 2019 година најавено е излегувањето на последниот дел од оваа трилогија, кој треба да биде режиран од страна на Џеј Џеј Абрамс.

Покрај регуларната серија, минатата година имавме можност да го погледнеме антологискиот филм „Роуг 1“, а франшизата се прошири во различни медиуми, преку книгите, стриповите, анимираниот игран филм и анимираните телевизиски серии, видео игри, аудио драми, играчки, забавни паркови и голем број на изданија кои дури и најтврдокорните љубители нa „Војна на ѕвездите“ би се запрашале дали се составен дел од официјалниот канон на серијалот или се посебни делови од франшизата.

Со светот во оваа галаксија владее дуалитетот на светлата и темната страна, претставени преку фракциите на „џедаи“ и „сит“. Сите битија во галаксијата ги поврзува мистична енергија која е именувана „Сила“, а луѓето кои се непосредно поврзани со неа поседуваат одредени натприродни сили. Иако оригиналниот филм датира од 1977 година, луѓето од седум до седумдесет и седум години се запознаени со постоењето на авантурите на Хан Соло, Лук Скајвокер, принцезата Леа, Оби-Ван Кеноби, Чубака,  Јода,  роботите  Р2-Д2 и Ц-3ПО од страна на бунтовничката алијанса и Дарт Вејдер и неговите непрецизни „стормтрупери“ од страната на галактичката империја, како ги водат своите интергалактички Граѓански војни на различните планети, патувајќи низ времето со вселенските бродови: „Милениумскиот фалкон“ и „Ѕвездата на смртта“.

Но, зад вселенските ласерски пресметки во „Војна на ѕвездите“ секогаш се крие бескрајната борба меѓу доброто и злото во самите ликови, бележејќи го подемот, падот и покајувањето на хероите. Според принципите на херојскиот епски мит, Лук Скајвокер, во оригиналната трилогија, ги започнува своите авантури на нови планети, војувајќи со своите противници од Империјата, за на крај да триумфира и да ги сподели своите успеси.

За некого овие нови легенди ќе претставуваат бегство, за други надеж, за трети истрајност. Некој ќе се пронајде во ликовите, некој ќе ги забележи општествените облици, некој ќе се храни со носталгија, а друг со конзумеризам. Факт е дека генерации израснаа со оваа франшиза, а нејзините почитувачи оформија заедници во кои припаѓаат нивните истомисленици, славејќи ги репликите на нивните херои и имитирајќи го нивниот изглед на разновидни собири на љубителите на „Војна на ѕвездите“.

Влијанието на овој филмски серијал врз светската кинематографија е енормно, не само со технолошкиот напредок на специјалните и визуелните ефекти, дефинирајќи како комерцијалните филмови треба да изгледаат и звучат, туку „Војна на ѕвездите“ успешно ги искористи концептите на нискобуџетните научно-фантастични филмови, дистописките: „Планета на мајмуните“, „Сојлент грин“, „Логанс ран“, „Вестворлд“ и фи лозофската „2001 Вселенска одисеја“, за засекогаш да ја промени побарувачката на филмската индустрија од авторскиот филм на седумдесеттите години на минатиот век во динамични високобуџетни блокбастери, наменети за забавување на помладите гледачи, нанижувајќи продолженија во кои ќе се митологизираат комплексните саги на ликовите.

Од овој концепт на футуристичка иднина, со завојувани вселенски  каубојци,  војници и самураи најголема полза имаа научно-фантастичните остварувања на кои им се отворија вратите во Холивуд, филмови како: „Вонземјанин“, „Истребувач“ (Блејд Ранер), „Дина“, „Акира“, „Терминатор“, „Вештачка интелигенција“, „Интерстелар“, „Стар Трек“, „Месечина“, лансирајќи ги во орбитата кариерите на режисерите: Џејмс Камерон, Кристофер Нолан, Питер Џексон, Ридли Скот, Дејвид Финчер и многу други.

Во исчекување на „Последниот џедај“ (снимен на локации во Ирска, Мексико, Англија и Хрватска, со врвната актерска екипа предводена од: Марк Хамил, Лора Дерн, Том Харди, Бенисио дел Торо, Џозеф Гордон-Левит, Енди Серкис и многу други), убедени сме дека „Војна на ѕвездите“ ќе остане блокбастерски филмски серијал со сила со која ќе продолжи да ја гради својата империја со регуларни епизоди и антолошки потфати за надополнување на дупките во историјата на таа далечна галаксија.

ТРЕЈЛЕР: „Војна на ѕвездите: Последниот џедај“