Рецензија: „Убиства на тркала“ – ЧИСТОТО СРЦЕ НЕ ЗНАЕ ЗА ОТКАЖУВАЊЕ

Ubistvo Na Trkala

Филм: „Убиства на тркала“

Успехот на „Синот на Шаул“ во светски рамки го привлече вниманието на љубителите на филмот врз модерната унгарска кинематографија, со нетрпение очекувајќи ги нејзините нови продукти. Еден од нив е второто долгометражно режисерско остварување на Атила Тил – „Убиства на тркала“, акциона комедија во која еден поранешен пожарникар Рупазов, по излегувањето од затвор, се спријателува со двајца хендикепирани момци во рехабилитационен центар, кои ќе му асистираат при извршувањето на платените убиства врз непријателите на Радош, српски шеф на криминален клан. Авантурите на друштвото на одметници на тркала, составено од унгарскиот „професионалец Леон“ и неговите стрип помошници, со задоволство би ги следеле Квентин Тарантино и Гај Ричи.

Филмот поседува силна метатекстуална слоевитост. На едно рамниште се наоѓа акциониот вител и незго- дите во кои Рупазов (наликувајќи на каубоец-одметник во вестерн) е првиот човек кој им дава надеж на момците, со себе ги понесува незгодите и привлечниот страв, правејќи го нивниот „стрипуван“ живот побурен од луѓето кои немаат инвалидитет, сè со цел да не мора да се откажат од комодитетите на нормалниот живот.

Тука се издвојуваат двете гледишта за прифаќање на судбината како дефетизам, или за борење против неа, со тренирање на секој преостанат мускул, до последен здив. Секако дека во „Убиства на тркала“ се прикажува горчливата вистина за хендикепираните лица кои при секој обид за активен социјален живот ќе бидат потиснувани, секундарни, сожалувани личности што нема да може да застанат на свои нозе, а кога ќе паднат – ќе се соочат со бессилноста против животната тегоба, со која ќе мора самите да се справат.

ТРЕЈЛЕР : „Убиства на тркала“


Режија: Атила Тил
Сценарио: Атила Тил
Директор на фотографија: Имре Јухас
Монтажа: Мартон Готар
Музика: Чаба Калоташ
Улоги: Саболч Туроци, Золтан Фенивеши, Адам Фекете, Моника Балшаи, Душан Витанович
Земја на потекло: Унгарија 2016

Тука веќе започнува другото рамниште на филмот, составено од мелодрамата обвиткана околу еден скршен ’рбет на семејство, за татко кој мигрирал во подобар живот, без товарот на претходното семејство, освен тежината на грижата на совест која не може да се мери со гордоста на неговиот хендикепиран син, кој не сака да се оперира со неговите пари. Под кожата на акциониот филм се наоѓа оваа срж на емоционалниот товар.

Од државата од која доаѓа „Белиот бог“ не треба да бидеме зачудени зошто толку добро се кореографира- ни тензичните сцени со агресивните домашни животни во овој филм. Камерата не е нималку парализира на кога се впушта во лов по кадрите богати со акциони сцени, истрели и брканици додека танцуваат куршумите околу потенцијалните жртви во каузалниот след помеѓу причината и последицата, кој безрезервно се почитува во мафијашкиот филм.

На моменти е прикачена на количките и вади интересни агли низ кои ја протнува перспективата на светот погледнат од двете тркала. Реалноста и уметноста се наоѓаат во невидлив амалгам, постојано инспирирајќи мотиви кои се преточуваат во различни креации во двата света. Тоа најдобро се забележува од понудениот стриппродукт на унгарскиот „Комикон“.

Затоа и „Убиства на тркала“ не останува имун на социокритиката, која се однесува на мизерната социјална помош за хендикепираните во Унгарија, коментирајќи и за српските мигранти кои за една деценија не научиле ниту еден унгарски збор и за емигрантите кои бараат подобар живот надвор од границите на државата, во која за пари се купуваат и нови нозе, а единствениот умор кој го чувствуваат младите се наоѓа во прстите, од мобилните телефони со екрани на допир.

Доколку посочам дека филмот е преполн со акција, авантура, романса, интриги, предавства, убиства, режисерот секогаш ќе најде начин да си поигра со сите напоменати карактеристики. Комично е колку лесно се извлекуваат незабележаните и потценети маргиналци на општеството од местото на злосторство, небаре хендикепот нуди супермоќи. Организираниот криминал е на ниво, затоа што едното момче знае да црта, а другото да го вози автомобилот за бегство. Ако мрачниот украински „Племето“ ги претстави глувите тинејџери како искусни криминалци, овој филм со ведрина приоѓа на криминалниот чин.

Меѓутоа, количките колку се од помош, толку и ги спречуваат ликовите во активностите, а општеството е дополнителен одмогнувач, додека ликовите стануваат приватни детективи кога мора и уништувачи на свадби кога треба.

Насловот на филмот: „Убиства на тркала“ е наменет за западниот пазар, фокусирајќи се на мафијашкиот аспект, додека, пак, источните наслови: „Чисто срце“ и „Од дното на срцето“ најдобро соодветствуваат на мелодраматичните чинители на фабулата.

Филмот има големо срце, но дали ги поседува и преостанатите органи? Дали акционото сценарио и грстот актери со срцепарателни при- казни се доволни за прогласување на овој филм за ремек-дело? Секако дека не. Во овој витален, енергичен филм, ликовите патат од дефицит на морализација, меѓутоа од овој морален инвалидитет не треба да пати и самиот филм. Не би било за отфрлање и некој силен женски лик да им ги помати плановите на криминалците, како што го направи тоа невестата со која платениот убиец не склучи брак.

Актерското неискуство на еден од главните ликови не беше на товар на филмот, напротив, внесе автентичност во улогата, додека, пак, неизбежна беше согледбата за осиромашената наративна предлошка на неговиот помошник. Проблемот може да се манифестира при самиот епилог, кој го поедноставува наративот и прави визуелен премин.

Едно е сигурно, политичката коректност би го хендикепирала авторскиот интегритет и би ја намалила комичната доза, што на мое големо задоволство, не беше случај со овој филм.