Рецензија: ПОЖАР НА МОРЕ – ТИВОК УЖАС ШТО ГО СЕЧЕ СЕКОЈДНЕВИЕТО

FireatSea

Филм:„Пожар на море“

Режија: Xанфранко Роси

Италија/Франција, 2016

Како да се прикаже бегалската криза и патот на мигрантите, а да се избегне ламентарната природа на описите од траорните слики на страдаwата? „Рецептот“ за оваа режисерска дилема го има Xанфранко Роси, единствениот режисер на документарни филмови, добитник на две од трите престижни светски награди †Златна мечка на 66.

Берлински филмски фестивал за филмот „Пожар на море“ и Златен лав на 70. Венециски филмски фестивал за филмот „Sacro GRA“. „Пожар на море“ е внимателно срочен документаристички филмски есеј без глас на наратор, кој освен епизодното патување на мигрантите, во себе алтернира неколку навидум неспоиви приказни. Единствената тематска врска меѓу нив е само географијата – сицилијанскиот остров Лампедуза, главниот коридор меѓу Африка и Европа за проток на мигрантите.

Во 108 минутниот филм, естетски прецизно и ненаметливо се дозираат сликите од страдањата на мигрантите, со секојдневието на неколку локални жители. Ваквиот суптилен документаристички маниризам на Роси, е своевидна херменевтика за преминот од и во двата паралелни света, кои функционираат по принципот на одговор и прашање.

ТРЕЈЛЕР„Пожар на море“

 

Помеѓу микронаративите за нуркачот, рибарот, локалниот радио ди-xеј, доминира оној за младиот Самуел – енергично момче кое го учи другарот како со страст да лови со чатал и чиј вујко е рибар. Токму кај тоа момче со хоби, офталмологот констатира „мрзливо око“.

Алегоријата која се наметнува како тематски клуч за состојбата со мигрантите несомнено е „мрзливото око на Европа“ кон егзистенцијалниот вресок на мигрантите и секојдневието на островот, во кој судбините на мигрантите се репетитивни вести од локалното радио. Ужасот не е во содржината, ниту во композицијата на кадарите кои претежно се фиксни, туку е одложен, односно е оставен на перцепцијата на гледачот.

Роси во тивката документаристичка низа од слики, соодветно место му дава и на локалниот доктор кој прегледува мигранти, прави аутопсии и пост мортем ги констатира нивните ужаси. Во првиот кадар докторот, поради јазичната бариера, со мимики и ги објаснува на една мигрантка бременоста и полот на плодовите кои ги носи. Неговиот работен простор е своевидна „етичка ординација“, во која констатира дека „должност на секое човечко битие е да им помогне на овие луѓе“.

Како свидетел на мигрантската патувачка Голгота, докторот децидно ја отфрла етичката дилема на неговите колеги дека глетките на мртви тела се статистика односно стануваат рутински прегледи. Смртта не е најтегобната глетка, туку она што следува потоа, вели тој во треперливата исповед. Овој лик практично ги поврзува наративот со мигрантите и оној со младиот Самуел, кој се жали и на проблеми со дишењето и анксиозност. Оваа точка на спојување на симптомите и болката, е семантичката врска помеѓу страдањето на мигрантите и секојдневието на мештаните.

Тивкото секојдневие му претходи или следува по секој кадар со мигрантите. Тоа е оној вознемирувачки неспокој кој клокоти како подземна вода. Одлично режисерско решение е изборот на Роси буквално да ги таложи една по друга како филмска плетенка, сликите од секојдневието на жителите со оние од мигрантите. Гледачот на тој начин го поставува во дилема чиј звук е попонорен? Вресокот на мигрантите за помош или тивкото секојдневие кое тече на островот додека во морето тлее „Животен пожар“.

Најгласната музика во филмот на Роси е тишината и онаа тегобна тишина која го разјадува исчекувањето на гледачот. Името на филмот е цитат од истоимената песна за бомбардирањето на италијански воен брод на истиот остров Лампедуза, која ја емитува локалниот радио ди- xеј. Радиото пак, небаре службено гласило, емитува информации за бројки на загинати и преживеани мигранти. Во филмот никаде нема пожар. Алузијата на оваа италијанска канцона „Пожар на море“ се однесува на истоимената оксиморонска кованица, која упатува на аларм и потреба од помош, додека животот на островот продолжува.

Критиката на Роси му забележува за слабата тематска поврзаност меѓу секојдневието на островот и животните трагедии на мигрантите. Двата паралелни тека не се спротиставуваат, туку се сопоставуваат и функционираат и засебно како посебни универзуми, но и како целина. Всушност, во тоа е и автентичната филмска номенклатура на Роси и преку звукот да ја раскаже тишината и преку тишината да допре до совеста на Европа и на светот.