Рецензија: „Обликот на водата“ – ПОДВОДНА БАЈКА ЗА НЕМА ПРИНЦЕЗА И АМФИБИСКИ ПРИНЦ

„Обликот на водата“, режија: Гилјермо дел Торо, сценарио: Ванеса Тејлор и Гилјермо дел Торо, директор на фотографија: Ден Лаустсен, улоги: Сели Хокинс, Октавија Спенсер, Даг Џоунс, Мајкл Шенон, музика: Александар Десплат, САД  

Си беше еднаш, во една далечна земја, девојка по име Елиза (Сели Хокинс), која работеше како хигиеничарка во владина лабораторија, каде што се одвиваа експерименти кои беа непознати за јавното мнение. Нејзиниот живот еднаш засекогаш се промени кога се запозна со субјектот врз кој се изведуваа овие тајни експерименти, амфибиски принц што ја плени со неговата човечност.

На овој начин би го сосредоточил синопсисот на „Обликот на водата“, новото филмско остварување на Гилјермо дел Торо, кое претставува негова реимагинација на филмскиот мит во кој „Суштеството од црната лагуна“ и неговата избраничка би се обиделе да живеат среќно. Овој жанровски хибрид е ситуиран во периодот на Студената војна во шеесетите години на минатиот век, при што двојните шпиони се носители на елементите од ноар-филмовите, немирите служат како реалистични елементи во жанровската синтеза, зачинета со успешно евоцирање на омажи на танчерски филмови, комбинирајќи со научно-фантастичен канон, со цел да се прикажат одредени човечки личности во монструозна форма и чудовиште романтизирано како обесправен отпадник на човештвото.    

Наспроти вербалниот хендикеп на Елиза односно Сели Хокинс, која се потпира исклучиво на експресивна изведба, сосема доволно компензира со зборови нејзината „партнерка во криминалниот чин“ Зелда (Октавија Спенсер), надополнувајќи го молкот на Елиза со голема доза на хумор. Даг Џоунс, човекот-амфибија е роден под вода, дише на шкрги и има сличен афинитет кон конзумирањето јајца како еден негов пандан присутен во „Хелбој“, филмот чие продолжение Гилјермо толку долго го пролонгираше што го загуби од раце.

 

За пофалба е екипата која работела на дизајнот на монструмот, а посветениот труд и внимание на секој детаљ од текстурата е воочлив за гледачот без разлика дали го гледа на голем или мал екран. Мајкл Шенон е застрашувачка појава во филмот, кој умее со една реплика да доминира со секој кадар, глумејќи убедителен негативец, пресечен по рабовите од страница на графичка новела за нереализирани полицајци од американскиот југ.

Впрочем, осаменоста ги обедини немата убавица и благородниот подводен дивјак, но во филмот има голем број разнолики карактери, од кои секој поседува затскриена доза на болка, нереализираност и разочарување. Гилјермо и во овој филм не е имун на лековерните епилози кои се граничат со патетична разврска, но „Обликот на водата“ е позанимлив од шупливиот претходник „Гримизен врв“, меѓутоа недоволно волшебен како мешавините на политика и фантазија во: „Пановиот лавиринт“ и „Ѓаволски рбет“.   

Зеленоликиот „Обликот на водата“ изгледа како да е снимен во аквариум, благодарение на директорот на фотографија Ден Лаустсен, а студиото за визуелни ефекти има оркестрирано бал под вода, кој делува како бескраен сон, декориран преку деталните сетови на дизајнерот Пол Д. Остербери. Преангажираниот Александар Десплат создава квантитативен музички запис, кој на моменти се напукнува и станува монотон.

Филмот се закити со „Златен лав“ на Венецискиот филмски фестивал, а седумте номинации наговестуваат дека „Обликот на водата“ е гладен за „Златни глобуси“, иако верувам дека нема да отплови филмот во заборав, доколку не голтне и некој „Оскар“. Детето во Гилјермо верувам дека е задоволено, меѓутоа се сомневам дека во другите ќе допре до нивната детска наивност и емпатија. Неговите љубители ќе го слават филмот и ќе ги исполнат седиштата во киносалите и никој не може да негира дека модерната бајка на Гилјермо прекрасно е кадрирана и незапирливо тече.  

Филм ++++