ВОВЕДНИК ОД АВТОРИТЕ НА ФИЛМ+

Vlatko

„КИНО КАРПУШ“ – СКОПСКА РЕЛИКВИЈА!

Автобус, седмица. 9 и 30. Предавања по „Предвојничка обука“ во бруцошка година на Правниот факултет, тогаш сместен во хангарите во Карпош 1, кај Педагошката академија. Споени часови од 10 до 12. Здодевно како смрт или како студентски час? Она, како смрт, прерано е да се случи, ама предавање, особено Предвојничка!

Врвна досада!

Башка помислата на лимените хангари во кои греењето беше луксуз па треба да се седи со капут, шал и чизми…

Налет воена стратегија, ПВО, противатомска одбрана и Застава М-70. И нормално, две автобуски станици пред „касарната“ се симнувам кај Градежен факултет, вртам десно, се сладам со една тулумба кај Апче и во 5 до 10 застанувам на ред пред шалтер-касата над која со ракописни букви пишува КИНО БЛАГАЈНА.

Зад пенџерчето со засечен отвор при дното се гледаат само раце, како оние од „Семејство Адамсови“. Над влезот настрешница од салонитки. Некој есенски снег, мокар.

Ние го викавме „Кино Карпуш“.

Долга просторија со сферен плафон со вградени мали жолтеникави сијалички, со ѕидови обложени со итисон и со ќумбе на десната страна од платното. Еден голем звучник централно под платното и сто и педесетина шперувани споени седишта. Салата имаше и пристојна нивелација па некој штркле пред тебе не ти пречеше. Сепак првите редови беа далеку попривлечни…заради ќумбето… и заради блискоста со глумиците.

Во младоста на „Кино Карпуш“ едвај дека сите имавме телевизори, црно бели се разбира. Ова го врзувам со големиот број црно бели филмови на големото платно. Тарзаните со Џони Вајсмилер на пример, или една од моите први СФ фасцинации, чехословачкиот „Икариа ИКС Б 1“. Или „Што се случи со Беби Џејн“ на Роберт Олдрич, , па потоа „Персона“ на Бергман… и „Психо“ на Хичкок е сеуште црно/бел.

Сте ги голтале ли со очи „Барбарела“ и Џејн Фонда, „Клеопатра“ и Елизабет Тејлор, „Марни“ и Типи Хедрен , „Лолита“ и Сју Лајон? Дали знаете што значи зината уста кога на големо платно ги гледате спектаклите „Земја на фараоните“ на Хауард Хокс, „Мајко слушај ја мојата песна“ со Хозелито, „Полноќниот каубоец“ на Џон Шлезингер, „Дивата орда“ на Сем Пекинпо, „Добриот, лошиот и грдиот“ на Серџо Леоне. Или, првите морници кога пред вас се „Рубљов“, „Птици“, „Голи во седло“, „Седуммината величествени“, „Одисеја 2001 во вселената“?

„Кино Карпуш“ беше филмската школа на цела една (и повеќе) генерација/и, прибежиште на безделници, ученици, студенти и на сите оние кои намирисаа еден нов светоглед, академија на сите оние кои го „предвидоа“ најмоќното медиумско  планетарно оружје на дваесеттиот век.

И да ја повторам мојата омилена фраза:   

Ние гледавме филмови на големо платно, а вие на мобилни телефони. Ние имаме спомени, а вие празни батерии.

Но, затоа сме тука, да ве потсетиме… зашто „Кино Карпуш“, секако е значајна скопска реликвија!

Мајко слушај ја мојата песна 1959

Човекот-делфин