MOVIE BOOKS: Годар; Анджеј Вајда; Теорија на филм

MovieBooks

Скудниот избор на филмска литература на македонски јазик е причина да им претставиме на љубителите на филмот, но и оние на кои им е професионална определба, дел од новите изданија на филмска литература од регионот и светот, како препорака за домашната библиотека и истражувањето на филмската уметност.

„Годар : биографија “

Станува збор за прва биографија на Жан Лик Годар на француски јазик, објавена во 2010 година по повод осумдесеттиот роденден на режисерот, а годинава преведена на хрватски во издание на Сандорф и Мизантроп од Загреб. Преводот е на Марко Грегориќ, Среќко Иванишевиќ и Јулијана Штрок. На вкупно 834 страници, авторот Антоан де Баек, историчар и филмски критичар, го претставува Годар во сета неговa комплексна автентичност: од бунтовен младич, предводник на Новиот бран и политички агитатор до провокативен мизантроп и контроверзен филмаџија, попатно отсликувајќи го и културното милје на Франција и Европа во дваесеттиот век.

movie books 2

Aнджеј Вајда „Филмот и остатокот од светот : автобиографија “

Автобиографија на неодамна починатиот полски режисер Анджеј Вајда, првично e објавена во 2000 година. Преводот на хрватски е од 2015 година, (Јосип Новљаковиќ) е во издание на Лјевак. Иако Вајда снимаше и надвор од Полска, доминантно обележје на неговиот опус е полската историја, а тоа е и водичот во неговата книга. Автобиографијата е панорама на неговата кинематографија во тешките услови под комунистичка власт и особено превирањата во осумдесеттите години на минатиот век. Во книгата Вајда зборува за големиот број соработници и пријатели-уметници, па читателите (и оние што не погледнале некој од неговите филмови) можат да научат за полската културна сцена во минатиот век. Книгата содржи и голем дел малку познати детали од неговиот живот, а зборува и за неговата
фасцинација од јапонскиот филм и култура.

Теорија на филм – “East , West and Centre: Reframing Post -1989 European Cinema ”, Edinburgh University Press

Студијата „Исток, Запад и центар: преформулирајќи го европскиот филм по 1989“ (East, West and Centre: Reframing Post-1989 European Cinema), објавена 2015 година, чии уредници се Тод Херцог и Мајкл Гот, во 18 поглавја дава преглед на дефинициите за Исток и Запад, националното и транснационалното, центарот и маргината, и ги преиспитува и преформулира во современата европска кинематографија. Книгата дава и процена на состојбата по 1989 година, трендовите во европската кинематографија, економските трансформации, миграцијата, копродукциите, како и социополитички дебати во врска со минатото и сегашноста.

Книгата се осврнува и на јазот помеѓу кинематографиите кои се центарот (Франција, Германија) и маргиналните (Романија, Бугарија, Литванија), земајќи ја предвид моменталната геополитичка и економска ситуација во Европската Унија и нејзините периферни соседи (Западен Балкан, Молдавија, Украина), а со тоа отвора и нови начини на гледање на мапата на современата европска кинематографија.