Филмска класика: „Сјај во трева“

First Post Film Plus

Филмот со Натали Вуд и Ворен Бити се смета за една од најголемите љубовни приказни на сите времиња, за кој стои препораката дека ова е еден од 1001 филм кои мора да ги видите пред да умрете.

„Иако ништо не може да го врати оној миг на сјајот во тревата и величественоста на младоста, нема да тагуваме, туку ќе најдеме сила во она што ни преостанува.“ Овој стих од песната „Ода за бесмртноста“ на Вилијам Вордсворт го одбележа легендарниот филм „Сјај во трева“ на Елија Казан, кој ги инспирираше генерациите во 1960-тите, 1970-тите и 1980-тите години.

„Сјај во трева“, во кој главните улоги ги играат Натали Вуд и Ворен Бити, се смета за еден од најромантич ните филмови, кој Американски от филмски институт го стави на 47. место на најголемите љубовни приказни на сите времиња.

Интересно е дека ова остварување не беше од оние кои понесоа максимален број на номинации или награди „Оскар“, но тоа е филм кој стана и е дел од популарната култура. „Сјај во трева“ во 1962 година ја освои златната статует ка за оригиналното сценарио на реномираниот писател Вилијам Инге, а на Натали Вуд и донесе номинација за комплексната улога на Дини Лумис.

Необичен и веројатно за многумина непознат податок е дека приказната за Дини Лумис и Бад Стемпер е, всушност, вистинита. Вилијам Инге ќе ја напише оваа приказна инспириран од негови познаници, која прво ќе биде поставена во театар, за потоа во договор со Елија Казан да ја претворат во филм.

„Сјај во трева“ стана еден од најромантичните филмови со кој се поистоветуваше тогашната генерација, освојувајќи го светотпреку ноќ. А Дини Лумис и Бад Стемпер не беа само несреќните љубовници, кои уште како тинејџери (во филмот) се соочуваат со најголемите искушенија во животот, туку се претворија и во своевидни симболи на едно време, но и во бесмртни ликови, чија приказна секогаш одново се повторува.

Бидејќи, онаа невина, чиста љубов која во очите на тинејџерите има фаталистички призвук, нема да може да го издржи притисокот, не само навремето, туку и на очекувањата и предрасудите на своите родители. А тоа дефинитивно е нешто, кое колку и да изгледа поинаку, постои и денес.

Не случајно приказната во филмот е сместена во времето на најголемата економска криза во Америка (при крајот на 1920тите и почетокот на 1930тите години), и тоа на југот во Канзас. Дини Лумис е сиромашна девојка со строго католичко воспитување, додека Бад Стемпер е син на најмоќниот човек во Канзас, сиров, амбициозен, брутален. Како што светот око лу нив се распаѓа, така пополека ќе се распадне и нивната љубов и покрај силните чувства еден кон друг.

Но, работите кај Дини Лумис ќе отидат во крајност, барајќи ја чистината и величе ственоста во која со сето свое срце веруваше. „Сјај во трева“, во кој одлични улоги даваат и Одри Кристи, мајката на Дини и Пет Хингл, таткото на Бад, е филм кој извонредно го доловува времето, но од друга страна, тоа е и филм за созревањето олицетворено токму во песната на Вилијам Вордсворт.

Тоа е, всушност, еден од оние ретки филмови кој нема среќен крај, но е толку инспиративен, вистинит и сензитивен, што го доживувате позитивно. Затоа што, на крајот на краиштата, какви и да беа околностите, се чини дека секој го најде своето место, местото на кое му припаѓа, иако многу болно и„не размислувајќи повеќе за среќа“.

Но, нема да жалиме, вели Вилијам Вордсворт, туку ќе најдеме сила во она што ни преостанува. Ќе најдеме сила да се соочиме и да ги прифатиме работите такви какви што се или онакви какви што „мораа“ да бидат (на преминот помеѓу детството и зрелоста, за кои зборува поетот).

Сосема свесни за пропуштените шанси, тажни и несигурни, но подготвени да градиме одново. И како и да звучи сето тоа, факт е дека тоа е суштината по која сите трагаме и со која се обидуваме да се помириме.

А како и во животот, така и овде и Инге и Казан успеваат тоа да го прикажат со извонредна мерка, реално, болно, силно, но со таква доза оптимизам која успева да донесе убаво чувство и покрај „несреќниот“ крај.

„Сјај во трева“ е всушност вистинска ода на животот, која многу мудро авторите ја поврзале со песната на Вордсворт, песната која зборува за бесмртноста не на љубовта, туку на она чувство на интимност, она чувство на невиност кое и покрај созревањето никогаш не изминува, само се менува барајќија смислата во она што ни преостанува.

Во игра за улогата на Натали Вуд била и Џејн Фонда. Режисерот Елија Казан во разговорот со неа ја прашал дали е амбициозна, но таа саркастично му одговорила дека добрите девојки не би требало да бидат амбициозни. Фонда и ден денес верува дека била одбиена поради тој одговор, но Елија Казан успеал во Натали Вуд да ја најде онаа толку потребна кршливост за оваа улога, онаа кршливост која сите ја носиме, но на различен начин.

Дефинитивно, најмногу заслужни за успехот на овој филм се Натали Вуд и Ворен Бити, на кого пак ова му била прва улога. Филмот сосема заслужено се претвори во класик, кој и денес по цели 55 години ја има истата свежина. Не случајно стои препораката, дека ова е еден од 1001 филм кој мора да ги видите пред да умрете.