Рецензија: Истребувач 2049 – ПРАШИНАТА ЌЕ ГИ ПРОГОЛТА СИТЕ СПОМЕНИ

BladeRunner

Филм: „Истребувач 2049“ (Blade Runner 2045)

Режија: Денис Вилнев

Сценарио: Хемптон Фенчер и Мајкл Грин

Директор на фотографија: Роџер Дикинс, улоги: Рајан Гослинг, Харисон Форд, Џаред Лето, Робин Рајт, Ана де Армас

Музика: Ханс Зимер и Бенџамин Волфиш, САД/Велика Британија/Канада

Денис Вилнев по филмот „Пристигнување“ успеа да го збогати фондот на дистописки научно-фантастични дела со „Истребувач 2049“ – двоиполчасовен филмски спектакл со акцентирана визуелизација и атмосфера, на сметка на невпечатливите дијалози на Фенчер и Грин.

Овој филм го продолжува дејствието три децении по оригиналниот неоноар „Истребувач“ на Ридли Скот, при што Рајан Гослинг глуми ловец на уцени, кој иако има задача да уништи човеколики роботи – репликанти од постар модел, се впрегнува во одгатнување на мистеријата за едно изгубено дете, попатно согледувајќи ги робовладателските намери на злобната корпорација „Волас“ која ги создава андроидите.

ТРЕЈЛЕР„Истребувач 2049“ (Blade Runner 2045)

 

Директорот на фотографија Роџер Дикинс и дизајнерот Денис Гаснер создадоа грандиозен визуелен јазик, кој на моменти претставува надреално патешествие низ филмски сон. Напуштените радиоактивни пустелии делуваат како слика на Бекшински (небаре Вилнев се тренира за „Дина“), додека пренаселениот маглив Лос Анџелес, кој е удавен во пепел, смог, дожд, ѓубре, 3Д холограми и светлечки реклами на фирми, делува како цртеж на Моебиус.

Наспроти футуристичката урбана дивина на пост-апокалиптичната метропола, во која елитистите живеат во домови со коси агли, дехуманизирано студенило и стерилна празнотија, постои Лас Вегас – некрополата на носталгијата, покриена со правна заборав.

Енормните широки планови ги проголтуваат ликовите, кои се минускулни во однос на опкружувањето. Самотијата и реклусивноста ја интензивира музиката на Ханс Зимер и Бенџамин Волфиш, која за разлика од препознатливите музички теми на елегичниот Вангелис од оригиналот, нуди фрагментиран полет на звуци, комплементарни на заумната атмосфера.

Меѓутоа, гледачите не се електрични овци, кои рамнодушно ќе гледаат во шаренилото на бои на големото платно, со мозок пратен на пасење, занемарувајќи го фактот дека филмот е уметност која е сублимат на останатите уметнички гранки и за да биде квалитетен мора да постигне завиден успех на сите рамништа.

Гослинг одлично се носи со улогата на К. (алузија на ликовите на Франц Кафка и на самиот Филип К. Дик, на чиешто книжевно дело се базира франшизата), глумејќи отуѓен и резигниран космички детектив, кој под фасадата без емоции негува исклучителна хуманост. Џаред Лето со бајатите монолози и групацијата на антагонистки не можат да се носат со длабочината на ликот и изведбата на Руџер Хауер од оригиналниот „Истребувач“.

Иако „Истребувач 2049“ визуелно е супериорен над „Вонземјанин: Ковенант“, „Дух во школката“, „Екс Махина“ и „Неа“, спомените д оригиналниот „Истребувач“ не ми се вештачки имплантирани, што ми дава за право да го поставам прашањето, колку ние денес сме покорни гледачи на медиокритетни блокбастери извајани од ист калап, за кои големите филмски корпорации ни диктираат дека се врвни достигнувања, а всушност, во блиската иднина ќе се заборават, како солзи на дожд?

„Истребувач 2049“ нема да може да се носи со филозофските трактати и езотеричната симболика на оригиналниот „Истребувач“, ниту со неговата енигматична потрага по идентитетот и човечноста, но нејзиниот „Пинокио“ на денешницата и размножувачкиот поттик кај репликантите, поставуваат круцијални прашања за хуманата кауза, според која умирањето за вистинската цел е најчовечкиот подвиг. Целењето кон несебичната пожртвуваност го прави овој филм да биде верна копија на душата на оригиналниот филм.

Моја добронамерна сугестија е пред да се препуштите на раскошноста на „Истребувач 2049“, да ги погледнете кратките филмови кои се појавија непосредно пред излегувањето на филмот, за да го пополните хронолошкиот јаз меѓу „Истребувачите“.

За некого овој спектакл за око ќе биде повеќе од доволен, друг ќе посака повпечатлива музика за да се присети на него, трет ќе побара подлабока суштина и калоричен дијалог за да го прехрани својот мозок, но тврдам дека неизбришливи ќе останат менталните отпечатоци кои ги втисна овој филм во мојата глава, барем додека „Тајрел“, „Волас“, „Ворнер Брос“ или некоја друга компанија за триесет години не понуди нова серија на филмски репликанти.